ФОРУМ НА ДОБРА ВОЛЈА “Слобода на верување/неверување како основно човеково право”

Почитувани,

Со големо задоволство ве известуваме дека се одржа првиот ФОРУМ НА ДОБРА ВОЛЈА, организиран од страна на Асоцијацијата за правно – економски истражувања и едукација „Јуридика“, на тема: Слобода на верување/неверување како основно човеково право, модерни социо – културолошки предизвици.

2C87C84C-0A04-4E41-9574-3B9A12B79879

На наше задоволство заинтересираноста беше огромна и присуствуваа голем број на гости – од различни социолошки и професионални сфери. Преку излагањето на панелистите, конструктивно и подлабоко се навлезе во темата за слободата на верување/неверување како основно човеково право. На форумот имаа можност да се вклучат со прашања и кратки коментари и присутните 90-тина гости со што дадоа свој придонес кон дискусијата на темата.

C97E5F15-6CDB-45B0-9D76-7B3325E2B4F3

Панелисти кои говореа на овој Форум беа проф. д-р Александар Спасеновски, кој како професор на катедрата по уставно право на правниот факултет „Јустинијан Први“, и застапник на човековите права како член на Комисијата за заштита од дискриминација, од правен аспект зборуваше за оваа тема, како и за тоа какви се правните стандарди во оваа област во Република Македонија, во регионот, и во Европа.

М-р. Јасмин Реџепи, генерален секретар на Граѓанската организација Легис, и граѓански активист, зборуваше за муслиманската вероисповед, и исламот, во насока со кои проблеми и ситуации се соочуваат припадниците на муслиманската вероисповед во Репбулика Македонија, при исполнување на своите верски обреди и почитување на религиските традиции.

М-р. Дарко Анев, теолог во Македонска Православна Црква, кој работејќи на своите две магистратури и докторат надвор од Република Македонија, повеќе од половина од својот животен век го поминал во Западна Европа, каде што изучувајќи ја не само правосланата вероисповест, туку и муслиманската, протестантските и други религиски убедувања, сподели дел од своите ставови и гледишта кои се застапени во Западна Европа, при тоа правејќи компарација со оние во Република Македонија. Исто така го пренесе православниот поглед во однос на темата.

Мартин Тошевски, по професија правник, застапувајќи ги атеистичките гледишта, сподели искуства за прифатеноста на атеистите во општеството, дали тие при тоа се дискриминирани од останатите поинакумисленици од нив, и колку им е овозможено остварување на своите права и почитување на своите убедувања, и убедувањата на другите. Исто така со еден историски наврат на науката објасни зошто тој лично избрал да не верува, и да го следи атеистичкото движење во општеството.

Јане Иванов, дипломиран економист, и меѓународен ревизор, во својство на Пастор од протестантската Црква Блага Вест, која што е дел од меѓународната асамблеа на Црква Божја, ги сподели своите, и искуствата на црквата, истакнувајќи ги потешкотиите при регистрирањето на црквата, дискриминацијата и потценувањето со кои се соочувале при остварување на Божјите проповеди од Светото Писмо.

A5EFB0BD-60E7-4D52-8FEF-507B1A30551B

Настанот го модерираше професорот д-р. Лазар Јовевски, професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“, при УКИМ.

Од плодната дискусија произлегоа многу прашања и коментари од страна на публиката, кои имаа можност да прашаат и да дискутираат во врска со излагањето на панелистите.

Со благодарност за панелистите и сите присутни кои што го посетија Форумот, Јуридика ви најавува дека ова е само првиот од планираните форуми за 2019 година. Следете не на социјалните мрежи за повеќе информации за настаните кои следат.

Ваша Јуридика!

Leave a Reply