ДАЛИ ПЕНЗИИТЕ СЕ ПОД РИЗИК КАКО РЕЗУЛТАТ НА ПАНДЕМИЈАТА ПРЕДИЗВИКАНА ОД КОВИД 19?

Пандемијата од новиот коронавирус Ковид-19 несомнено доведе до големи потешкотии во многу области, менувајќи го текот на животот во многу аспекти. Падот на економиите ја зголеми опасноста од добро познатите економски непријатели- рецесија, невработеност, сиромаштија. Државите се борат да ги одржат економиите колку е можно постабилни, социјалните системи колку е можно поинклузивни и посилни.

Пандемијата засегна исклучително многу аспекти од функционирањето на државите. Еден од веројатно најранливите е пензискиот систем. Како ќе се одржи стабилен во време на криза од ваков вид? Со какви мерки би се справиле државите за зачувување на пензискиот систем стабилен?

Кои ќе бидат (очекуваните) предизвици за пензискиот систем? Ова се само неколку од многуте прашања кои допрва ќе се поставуваат.

ПРЕДИЗВИЦИТЕ НА ЗЕМЈИТЕ ЧЛЕНКИ НА ЕУ ВО ОДРЖУВАЊЕ НА ПЕНЗИСКИОТ СИСТЕМ

По прогласувањето на пандемијата, властите во земјите членки на ЕУ им гарантираа на пензионерите дека и во иднина ќе им биде обезбеден стабилен извор на приход. Истовремено, огромен број работници беа соочени со потенцијално губење на работните места, или пак веќе и ги имаа изгубено, се соочуваа со намалување на платите, кратење на приходите и низа потешкотии кои ги туркаа кон раб на сиромаштија. Она што се јави како прв сет предизвици произлезе  од понискиот аутпут кој се генерираше како резултат на ограничувањата на економска активност што ја следеше појавата на пандемијата. Со други зборови, приходите од вработените кои се слеваа во пензиските фондови се намалуваа, одејќи кон неодржливост.

Во рамки на ЕУ се предвидува дека БДП ќе се намали за околу 7,5 проценти оваа година, далеку повеќе отколку за време на рецесијата од 2008-09 година. Во многу земји на ЕУ, идното ниво на придобивки е директно под влијание на трендовите на БДП: колку повеќе БДП опаѓа, толку помало зголемување на придобивки ќе имамат. Поголемиот економски пад постојано генерира притисоци врз јавните буџети и ја ограничува можноста за трошење на таканаречената „социјална држава”, а со тоа особено се влијае и на пензиите.

Вториот ефект од кризата на пензиските системи е  директно поврзан со проблемите на пазарот на трудот. Имено еден од проблемите е намалување на основицата на плата, со пониски даноци и социјални придонеси, како и растот на невработеноста.

Во тој контекст третиот  ефект е тесно поврзан пак со финансиските пазари. Стапките на приходот што го остваруваат пензиските средства на финансиските пазари, се клучни за профитабилноста на нејавните пензиски шеми, но исто така и за можноста на резервните средства во јавниот столб да обезбедат нефинансирани пензиски програми со краткорочно финансиско олеснување. Шоковите на цените на активата ја намалуваат вредноста на пензиските резерви во финансираните  ДБ-шеми и  негативно влијаат на коефициентите на финансирање.

Па така, поради новонастаната ситуација, земјите членки на ЕУ пристапија кон преземање низа мерки со кои го ублажија ударот од кризата врз пензиските фондови.

Првиот вид мерки вклучуваше одложено плаќање или привремено намалување на придонесите за социјално осигурување (и пензија). Бизнисите чие работење беше целосно запрено поради епидемијата може да ја одложат исплатата на пензиски придонеси до три месеци. Во тој случај загубата ќе се компензира со зголемување на придонесите на работодавачите во периодот 2022-2025 година. Вториот вид мерки кои се превземаа беа со директно помагање од државната каса со цел одржување на стабилноста на пензискиот фонд. Додека пак третиот вид мерки, конкретно се однесуваше на пензионерите, односно се зголемуваа нивните пензиски придобивки. Па така во Словенија на пример, пензионерите со најниски пензии добија екстра бонуси кои им беа доделени поради влијанието на пандемијата, а во други земји пак, како Унгарија, беше предвидена 13-та пензија, како екстра приход за пензионерите во време на корона криза.

Последниот вид мерки се однесуваат на стопирање или одложување на така наречените пошироки реформи, ова е случај со Франција, каде реформите во пензискиот систем, кои беа поддржани од претседателот Макрон беа стопирани уште во февруари 2020, како последица на пандемијата.

ФИНАНСИРАЊЕ НА ПЕНЗИСКИОТ СИСТЕМ ВО МАКЕДОНИЈА

Пензискиот систем во Република Македонија е составен од пензиско и инвалидско осигурување врз основа на генерациска солидарност и капитално финансирано пензиско осигурување, со што им се овозможува на граѓаните на земјава обезбедување материјална и социјална сигурност.

Структурата на повеќеслојниот пензиски систем се темели врз три вида (столба) на осигурување и тоа:

  • задолжително пензиско и инвалидско осигурување врз основа на генерациска солидарност (прв столб),
  • задолжително капитално финансирано пензиско осигурување (втор столб),
  • доброволно капитално финансирано пензиско осигурување (трет столб).

Задолжително пензиско и инвалидско осигурување врз основа на генерациска солидарност (прв столб) е осигурување организирано, според принципот на тековно финансирање (pay-as-you-go), што значи дека сегашните осигуреници плаќаат за сегашните пензионери. Овој столб функционира на принципот на дефинирани пензии, односно преку него се обезбедуваат пензии според однапред утврдена формула која зависи од висината на платите и годините на пензискиот стаж на осигуреникот.

Во првите месеци на пандемијата беше нагласено дека влијанието на пандемијата на Ковид-19 врз светските финансиски пазари веројатно ќе има само краткорочни ефекти врз пензиските фондови, имајќи предвид дека тие се долгорочни инвеститори. Исто така, не се очекуваа ниту значителни промени и движења во структурата на средствата на пензиските фондови, коишто би можеле значително да влијаат на финансиската стабилност. Додека пак осигурителниот сектор се предвидуваше и натаму да функционира стабилно, со идентификувани предности и ризици коишто треба да се следат со цел да се одржи овој тренд.

Меѓутоа, влијанието на пандемијата ги надмина сите очекувања, па и покрај напорите на државата со одредени мерки да ги заштити или барем помогне пензионерите, како ранлива група граѓани во вакви услови, останува неизвесен исходот. Имено, се работи за мерка со која е предвидено да се поделат над 280.000 платежни картички за купување на домашни производи, кои ќе ги добијат пензионерите со пониска пензија од 15.000 денари (покрај нив опфатени се и самохраните мајки и над 83.000 пасивни баратели на работа со истата мерка).

Сепак македонската економија и официјално е во рецесија, а изгледите за успешно завршување на 2020 година  на овој план се значително влошени. Во суштина краткорочните мерки кои беа донесени со цел да се ублажи ефектот од пандемијата само привремено ги ублажи проблемите и даде ад хок бенефити за постарите лица во ризик, но долгорочните проценки навестуваат дека ќе има огромни последици како на финансиска одржливост (во смисла на намалени приходи и зголемено трошење), така и на социјална адекватност (во смисла на пониски придобивки како резултат на пад на БДП, поограничена основица на плати и слаби перформанси на финансиските пазари).

Leave a Reply