МЕЃУНАРОДЕН ДЕН ЗА БОРБА ПРОТИВ НАСИЛСТВОТО ВРЗ ЖЕНИТЕ

Меѓународниот ден за борба против насилство врз жените секоја година се обележува на 25. ноември, кога започнува и 16- дена активизам за подигнување на свеста и борба против секаков вид насилство и малтретирање на жени и девојчиња. Оваа година, во време кога целиот свет се справува со пандемијата на новиот коронавирус, Сарс-Ков-19, сè се одвива поинаку- така и овој ден доби поинакво значење и нови приоритети во борбата против насилство врз жените.

Од март годинава во светот и кај нас една од мерките за спречување на ширењето на вирусот беше т.н. карантин, што придонесе за „селење“ на работата во домашни услови. За жените беше особено сложено да работат во домашни услови, грижејќи се истовремено и за децата бидејќи беа затворени и училиштата и детските градинки. Од друга страна, долгите часови поминати дома резултираа со зголемен број случаи на семејно насилство, според статистика на примени повици на телефоните за поддршка на жртвите (кои во некои земји беа и петкратно повеќе од вообичаено).  За време на карантин не беше ускратено правото да се излезе од дома и да се побара засолниште од страна на жртва на семејно насилство, но ова право не го користеа жртвите на ваков вид насилство, или од неинформираност или едноставно од недостаток на храброст. Сепак, насилството врз жените не застанува на прагот на домот, и, за жал не завршува со физичка пресметка или силување дома- тоа се случува и во вид на психичко малтретирање, навредување, омаловажување- на работно место, во училиште, во јавен превоз, итн. Во време кога жените работат од дома, потребно е зајакнување и на заштитата од онлајн малтретирање. Забележано е и користење техники за несоодветен (вознемирувачки) надзор од страна на работодавачите на жените кои работат од дома и со тоа (свесно или не) се врши малтретирање на работничките.

КОНВЕНЦИЈА ПРОТИВ НАСИЛСТВО И МАЛТРЕТИРАЊЕ БР. 190 НА МЕЃУНАРОДНАТА ОРГАНИЗАЦИЈА НА ТРУДОТ

Во 2019 година Меѓународната организација на трудот (МОТ) донесе Конвенција во која се предвидува заштита на жените од насилство и малтретирање, со препознаен широк спектар на насилства и малтретирања и пропишува механизми за спречување, односно справување со истите, притоа имајќи предвид дека во денешно време работното место не е секогаш во работна просторија на работодавачот. Меѓу другото, Конвенцијата препознава насилство и малтретирање за време на службено патување, во превоз од дома до работа и обратно, во сместување обезбедено од страна на работодавач, комунникација поврзана со работата, вклучително и електронска комуникација, при користење заеднички простории на работа како кујна/бифе, тоалет, гардероба, на обука и сл.

Конвенцијата бр. 190 влегува во сила идната година, а може да ја ратификуваат земјите кои сакаат да го подигнат нивото на свест, заштита и спречување на насилство и малтретирање на жените. Секоја земја која ќе ја ратификува Конвенцијата презема обврска да ја почитува и спроведува. За таа цел потребно е да се направат измени во националното законодавство и да се реализира процес на консултации со претставници на работниците и на работодавачите. Покрај донесување односно изменување на законодавството за забрана на секаков вид насилство и малтретирање, земјите потребно е да утврдат политики кои одат во прилог на ваквата определба, мерки и стратегија за нивна имплементација, воспоставување механизми за спроведување и следење, воведување санкции за сторители во случај на повреда на законодавството, а паралелно на ова потребно е развивање алатки за насочување, обука, едукација, подигање на свеста и обезбедување ефективни мерки за пријавување на случаи на насилство и малтретирање со соодветен инспекциски надзор и истрага преку трудовиот инспекторат или други надлежни тела.

Во однос на заштита и превенирање на случаите на ваков вид насилство, се предвидува опфатот на законодавството да биде проширен и на работнички во неформалната економија. Работодавачите ќе имаат обврска на ниво на организација да спроведуваат мерки за подигнување на степенот на заштита и спречување на насилство и малтретирање на жени во рамки на системот за безбедност и здравје при работа, како и да обезбедат информирање на работниците и нивна обука за идентификување и превенирање на ризиците кои би можеле да доведат до какво било насилство и малтретирање на работничките.

СИНДИКАТИТЕ ПОВИКУВААТ НА ИТНА ПОДГОТОВКА НА НАЦИОНАЛНИТЕ ЗАКОНОДАВСТВА ЗА РАТИФИКАЦИЈА НА КОНВЕНЦИЈАТА 190

Европската конфедерација на синдикати ги повика владите на земјите членки на ЕУ за итна подготовка на националните законодавства за ратификација на Конвенцијата  190, препознавајќи го сè повисокиот ризик од нови случаи на насилство и малтретирање на жените, без оглед дали работат во простории на работодавачите или од дома. За таа цел испратија писма до министрите на ресорните министерства во земјите преку кои ја посочуваат итната потреба од преземањето мерки за заштита на работничките.

Особено ја потенцираат појавата на сајбер- насилство (вклучително и сексуално вознемирување), како и малтретирање преку несоодветен надзор на работењето. Одредени компании веќе имаат воведено правила и механизми за спречување на насилство и малтретирање на работно место, но и тие ќе треба да ги изменат и да ги адаптираат на новите услови- работа од дома.

Она што владите можат да го преземат веднаш е да почнат процес на подготовка за изменување на законодавствата кои ја регулираат оваа материја, како и да го охрабрат синдикалното организирање на работниците, особено имајќи го предвид успехот на компаниите во кои функционираат синдикати во кои сексуалното вознемирување е намалено за 60 %.

Leave a Reply