ПОЗИТИВНИ ЕФЕКТИ ОД СКРАТЕНО РАБОТНО ВРЕМЕ

happy-employees-1Пандемијата предизвикана од новиот коронавирус, ковид-19 предизвика силни последици по економиите на земјите во светот. Погодени се цели индустрии, голем број фирми не ја пребродија кризата, а работниците останаа без работа. Владите на земјите погодени од пандемијата веќе со месеци воведуваат мерки за амортизирање на ударот врз економиите и изнаоѓаат механизми со кои би им се овозможило на работниците да ги задржат своите работни места.
Неколку европски држави, меѓу кои и Австрија и Германија, во време на екот на пандемијата воведоа скратено работно време. Таквата одлука се должеше пред сè на стратегиите за сочувување на секое работно место, но и за унапредување на безбедноста и здравјето на работно место, особено за работниците кои физички не беа во можност да ги извршуваат работните обврски од дома.
Неколку месеци подоцна, веќе има размислувања од страна на некои влади трајно да ги намалат работните часови на седмично ниво, со цел да се одржи трендот на зачувување на работните места, со се оди и чекор понапред- да се поттикне продуктивноста на самите работиници, а паралелно со тоа и да им се овозможи да поминуваат повеќе часови со семејствата, да се посветат на активности кои ги прават среќни или едноставно да се одморат.
Во рамките на Европската Унија најкратка работна недела има во Данска и изнесува 37 работни часови поделени во 5 работни дена. Во Холандија работната недела има 38 работни часови. Овие две земји се лидери во рамките на ЕУ според продуктивноста на вработените, а ги имаат и највисоките нивоа на вработеност. Овие аргументи се мотив за новите модерни европски лидери кои размислуваат за примена на ваквиот модел на работно време. Деновиве иницијатива за кратење на работните часови даде премиерката на Финска, Сана Марин. Нејзината заложба е кратење на работното време од 8 на 6 работни часови дневно, а иницијативата ја оправдува со тврдењето дека балансирањето на работниците на работата со приватниот живот ќе се подобри, нивната продуктивност ќе се подобри и со тоа работодавачите нема да претрпат загуби, туку напротив- подобра продуктивност, и конечно ќе помогне во напорите на Финска за задржување на работните места во услови на светската пандемија. Иако овој предлог засега го одбиваат од нејзината партија и коалициските пертнери, кои бараат повеќе флексибилност (наместо кратење) на работните часови, сепак таа не се откажува од крајната цел.
Концептот за скратување на работните часови во рамки на 40- часовната работна недела веќе извесно време го дискутира и лично се залага за негово воведување професорот по трудово право на правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, д-р Лазар Јовевски. Според професор Јовевски, Македонија е веќе зрела за воведување на ваквиот модел, иако за почеток постапно и во одредени сектори. Првично цени дека е препорачливо кратење на работното време од 1 до 2 часа на неделно ниво и е соодветно за јавниот сектор, при што вработените би го напуштале работното место порано во среда или петок, во зависност од тоа што ќе се оцени дека е најефективно. Професорот посочува дека со ваквата промена кај работниците ќе се зголеми задоволството бидејќи за нив ќе значи поголеми права и можност за посветување повеќе време на приватни активности. Вработените би ги извршувале своите работни задачи поефективно, поефикасно, попосветено и пофокусирано, бидејќи скратеното работно време ќе им создаде добра волја и мотивација за повисока продуктивност. Ова го нарекува ефикасно намалување на работното време, а крајните корисници на услуги од јавниот сектор- тоа се граѓаните, односно сите ние, би биле позадоволни од поквалитетните услуги кои ќе ги добиваме. Доколку овој предлог доживее практична имплементација и ја даде очекуваната ефикасност,  може да се размислува за проширување на концептот и во приватниот сектор.
Во повеќето развиени земји во светот стандардната работна недела изнесува 40 работни часови, иако бројот на работни часови во практиката знае да варира, како од сектор до сектор, така и во однос на мажи и жени.
Кратењето на работните часови на седмично ниво не е нова идеја. Опстојува подолго време и има компании во светот кои го имаат применето моделот уште пред пандемијата, а постојат и бројни научни студии на оваа тема кои ги утврдуваат и поткрепуваат аргументите за кратење на работните часови.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *