УЛОГАТА НА СИНДИКАТИТЕ ВО КРЕИРАЊЕТО НА ЗАЕДНИЧКИОТ РЕГИОНАЛЕН ПАЗАР НА ЗАПАДЕН БАЛКАН

european countries 3d illustration – european continent marked with flags

Иницијативата за креирање заеднички регионален пазар на Западен Балкан, иако не е нова, привлече големо внимание на Софискиот самит, каде беше усвоен акциски план за формирање на заедничкиот регионален пазар. Целта на оваа иницијатива е подготовка на земјите од Западен Балкан за учество на Единствениот европски пазар, зголемување на конкурентноста на економиите, паралелно со имплементација на Зелената агенда за прифаќање на еколошките стандарди во пристапувањето кон ЕУ.

Зошто земјите од Западен Балкан треба да се подготвени за Единствениот европски пазар?

Постоењето „функционална пазарна економија и капацитет да се справат со конкуренцијата и пазарните сили во ЕУ“ е еден од основните економски критериуми за пристапување во ЕУ, предвиден во Копенхаген во 1993 година и сите земји кои пристапуваат во Унијата имаат обврска да го исполнат. Меѓутоа, според последните извештаи на ЕУ, земјите од Западен Балкан се умерено подготвени за справување со пазарните сили и конкурентноста во рамки на ЕУ. Треба дополнително да се работи на надминување на проблемите и предизвиците кои опстојуваат со години, како што се: унапредување на деловното опкружување, вработување, справување со сивата економија, корупцијата, напредок во областите на истражување и развој и спроведување на дигитализацијата (особено со оглед на тоа што ЕУ се стреми кон создавање на Единствен европски дигитален пазар).

Единствениот европски пазар (со пазарот на Обединетото Кралство) е најголем во светот, со над 500 милиони потрошувачи и со тоа на бизнисите им нуди големи конкурентски предности, користење на економија од обем, итн. Карактеристично за овој пазар е тоа што го сочинуваат 28 земји, но со отстранети царински бариери, фер конкуренција, минимализирање на трошоците, овозможува соработка и заедничко вложување во технологии и знаење помеѓу компании од различни земји, како и многу други предности. Истовремено, Единствениот европски пазар предвидува и слободно движење на работниците, со што придонесува во балансирањето на понудата и побарувачката на работна сила, кои во рамки на националните пазари тешко се постигнуваат. На работниците им е овозможено високо ниво на мобилност и поголема слобода во изборот на работни места.

Креирање на регионалната економска област во Западен Балкан

Со оглед на тоа што пазарите на земјите од Западен Балкан се на слично ниво на развиеност, барем според критериумите на ЕУ, имаат добра основа да отпочнат со соработка и подготовка за настап на заеднички пазар со околу 18 милиони потрошувачи. Согласно акцискиот план, оваа регионална економска област треба да се воспостави до 2024 година. Во тој период ќе следат подготовки за овозможување заеднички инвестициски можности, индустрија и иновации, дигитализација и обезбедување на четирите слободи за движење на стоки, услуги, капитал и работници. Од денешна перспектива 2024 година можеби се чини далеку и неизвесна со оглед на моменталната пандемија на Сарс-Ков-19, но ова е всушност клучен период за мудро креирање на политиките и постигнување на регионален заеднички пазар на Западен Балкан кој ќе донесе зајакнување на економиите, странски директни инвестиции, но и поквалитетни и фер услови за работниците.

Улогата на Синдикатите во креирањето на регионалната економска област во Западен Балкан

Една од главните придобивки на заедничкиот регионален пазар е слободното движење на работниците. Предвидено е признавање на професионалните квалификации, лиценци и сертификати на работниците во рамки на регионалниот пазар на Западен Балкан, како предуслов за нивно слободно движење. Дозволите за работа ќе станат минато, а социјалните права ќе се пренесуваат непречено. Ќе се олесни и мобилноста за професори, истражувачи и студенти во рамки на економската област, а движењето преку границите на шесте земји ќе се врши само со лична карта. Гледано на подолг рок, оваа можност ќе го намали јазот помеѓу понудата и побарувачката на работни места во шесте земји на Западен Балкан, со што невработеноста во рамки на националните економии се очекува да се намали.

Познавајќи го Балканскиот менталитет на политичките елити и бизнисите кои располагаат со профитите, клучната улога во преговарањето за условите за работниците треба да ја одиграат синдикалните претставници. Вклучувањето на синдикалните организации во целиот процес од почеток до крај и застапувањето на барањата на работниците, се чини ќе биде од суштинска важност во успехот на целокупниот проект и постигнувањето на главната цел- приближување на пазарите на земјите од Западен Балкан како заеднички пазар кон стандардите на Единствениот европски дигитален пазар. Синдикатите, доколку се консолидираат навремено, имаат можност да се позиционираат како стабилен социјален партнер кој ќе го води трипартискиот дијалог во процесот на реализација на активностите предвидени со Акцискиот план за заеднички регионален пазар 2021-2024. Нивна задача, но и одговорност, ќе биде да обезбедат информираност на работниците, да ги застапуваат барањата на работниците, да обезбедат почитување на работничките права согласно европските стандарди, како и да осигураат целосно почитување на човековите права на работниците. Исто така, можат да придонесат во транспарентноста на процесите, но и да воспостават соработка со нивните колеги од ЕУ и да разменат искуство и знаење за да ги искористат и самите, колку е можно повеќе, потенцијалите на регионалната економска област. Конечно, со цел да се ублажат можни негативни влијанија од спроведувањето на иницијативата, покрај синдикатите, на национално ниво треба да се воспостави процес на соработка помеѓу креаторите на политиките на национално ниво, претставници на работодавачите и граѓанскиот сектор.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *