Индивидуалниот работен спор, во македонскиот систем на мирно решавање на работни спорови се решава со арбитража. Иако обемот е стеснет и овој начин на решавање на индивидуалните спорови се однесува само за откажувањето на договорот за вработување и при не исплата на плата, сепак тоа не го намалува значењето на овој метод.
Постапката за решавање на индивидуалниот работен спор преку арбитража, односно со арбитер во многу нешта наликува на дуската. Сепак решавањето на овој начин на спорот има многу предности и погодности за двете страни во однос на судското решавање на спорот.
Согласно македонскиот Закон за мирно решавање на работните спорови, постапката започнува со поднесување на предлог од двете страни, што е поинаков концепт од оној кај помирувањето. Тоа е и логично ако се има во предвид дека самата постапка е доброволна, но одлуката на крајот е задолжителна за двете страни.

Времето на траењето на постапката е релативно кратко. Најнапред, арбитерот е должен во рок од 3 дена да закаже расправа по приемот на предлогот и на документите. Ова секако е голема предност во однос на ефикасноста на постапката наспроти судската, каде роковите иако според Законот за парнична постапка се итни, сепак времето е подолго за закажување на расправа.
Расправата тече многу слично како судската, во присуство на страните во спорот, каде арбитерот ја води расправата, а страните даваат изјави, се изведуваат докази, може да се сослушаат и други лица, односно се изнесуваат сите релевантни факти за одлучување. Исто така присутно е начелото на контрадикторност, каде страните може да се изјаснат за наводите на другата страна. Одлагање на расправата може да се случи по барање на страните или по службена должност од страна на арбитерот, но истата треба најдоцна во рок од пет дена повторно да се закаже. Страните исто така може да дадат и завршен збор на крајот на расправата. Расправата завршува по оцена на арбитерот, кој доколку смета дека е расправен предметот на спорот ја заклучува расправата и во рок од 30 дена треба да донесе решение. Против решението не е дозволена жалба, а истото по доставување на страните е правосилно и извршно.
Доколку претходно е поведен судски спор за предметот на арбитражата, страните по поднесување на предлогот за арбитража го известуваат судот да ја прекине постапката, а по правосилноста на решението, за истото го известуваат судот. На тој начин судската постапка повеќе не се води и истата нема никакво дејство и значење за страните, бидејќи спорот е решен преку арбитража.
