Краток економско-социјален осврт на моменталната ситуација

Пандемијата предизвикана од ширењето на новиот коронавирус Ковид-19 силно ги погоди светските економии, одземајќи ги работните места пред сè и оставајќи огромен број работници без приход. Македонската економија, која и онака по многу параметри заостануваше зад економиите од европските земји, се чини дека доживува тивок крах со губењето на работните места кое се случува секојдневно, а излезот од пандемијата засега не е на повидок.

ЕКОНОМСКАТА КОНВЕРГЕНЦИЈА НА ЗЕМЈИТЕ ОД ЗАПАДЕН БАЛКАН И ЕУ- очекувања и предизвици

Земјите од Западен Балкан (ЗБ) како целина која ЕУ на некој начин ја создаде преку иницирањето на т.н. Берлински процес (отпочнат во 2014 година), станаа регионална интеграција со цел заеднички да се развиваат паралелно и во повеќе аспекти, со крајна цел да се доближат до европските просеци до нивното полноправно членство во Унијата. Западен Балкан е релативно добро економски интегриран во ЕУ, особено имајќи предвид дека ЕУ е главен трговски партнер каде се слева околу 72 % од целокупниот извоз од балканските земји, а 58 % од увозот доаѓа од ЕУ. Странските директни инвестиции во најголем обем доаѓаат од земји членки на ЕУ и тоа главно во секторите на автомобилската индустрија, банкарскиот сектор, телекомуникацискиот сектор, итн. Не можеме да го занемариме фактот дека со години опстојува миграција на работна сила од земјите од ЗБ кон ЕУ, и тоа најчесто висококвалификувана- за илустрација, само во 2018 година околу 230 илјади работници добиле дозвола за престој и работа во европските земји. Ова не се исклучиво сезонски работници, туку работници кои долго, понекогаш и цел живот остануваат да живеат и работат надвор од своите земји. Резултат на ваквата појава е- богатите европски земји стануваат побогати со поквалификуван човечки капитал кој работи во рамки на нивната економија за сметка на осиромашување на и онака сиромашните земји кои за истиот човечки капитал го сносат трошокот за образование, и притоа остануваат со помала расположлива висококвалификувана работна сила. Младата популација вообичаено е најпогодена со невработеноста и затоа не ја гледа својата иднина во матичната земја. На крај, сето ова ја поткопува економската конвергенција на регионот со ЕУ, што е спротивно на напорите за нејзино постигнување. Но, од друга страна, да не заборавиме и дека, иако многу посакувана, економската конвергенција не е меѓу врвните приоритети на Унијата во однос на регионот, па оттаму и слабата успешност.

ВЛИЈАНИЕТО НА ПАНДЕМИЈАТА ПРЕДИЗВИКАНА ОД КОВИД-19 НА ЕКОНОМИИТЕ ЗА ЗЕМЈИТЕ ОД ЗАПАДЕН БАЛКАН

Во месец март, веројатно поради паника и страв од непознатото- новиот коронавирус Сарс-Ков-19 (познат како Ковид-19), ги натера владите на балканските земји престрого да реагираат со рестриктивните мерки. Беа (од оваа перспектива гледано) непотребно затворени огромен број бизниси поради спречување на ширењето на вирусот, кое сепак ескалираше по завршување на т.н. карантин, и се испостави дека не може вирусот толку едноставно да се контролира. Повторното отпочнување со работа на деловните субјекти беше овозможено, но со огромна штета. Голем број фирми не успеаа да го пребродат периодот на затворање, па згаснаа. Други отпуштија голем број работници- некои поради намален обем на деловна активност, други се чини „превентивно“, плашејќи се дека нема да издржат да работат економски одржливо. Земјите од Западен Балкан западнаа во многу потешка економска криза од почетокот на пандемијата споредбено со претходно, а на раб на опстојување се клучните сектори со кои всушност функционираа нивните економии. Црна Гора и АЛбанија забележаа оргомни загуби во туристичкиот сектор, Македонија (делумно и Србија) забележаа голем пад на производството главно како резултат на намалениот обем на извоз на стоки, итн. Ваквиот развој на состојбите во економиите донесе многу работници на раб на сиромаштија. Имајќи предвид дека во овие земји има голем број сезонски работници кои работат во европските земји и годишниот приход го акумулираат токму од сезонската работа, со затворените граници сите овие луѓе останаа без основна егзистенција.  И ако на почетокот на кризата имаше надежи дека сето ова ќе го надминеме „заедно“ и дека пандемијата може да се искористи како предност во зајакнување на економската соработка и интегрираноста на земјите од ЗБ во ЕУ, излезе дека ова е само тест на „кршливоста“ на самиот европски проект и ослабување на европското влијание и кредибилност во регионот.

НОВОТО НОРМАЛНО?

Моменталната ситуација на пазарот на труд, односно губењето на работните места и растот на сивата економија, се резултат на комплексен збир одлуки, политики и неуспешност во нивното спроведување. Напорите за постигнување економска (и социјална) конвергенција на ЗБ и ЕУ се темелеа на напори, меѓу другото на зајакнување на економската стабилност и напредок на регионот со цел доближување до просекот на ЕУ-28. Проблемите кои ги предизвика пандемијата само помогнаа во излегувањето на површина на слабостите на самата Унија во справувањето со главните предизвици на Балканот и нејзината неуспешност во менаџирањето на сопствените членки. Наместо повисока конвергенција, добивме проширени диспаритети кои во превод значат зголемена сиромаштија.

На ниво на функционирањето на економијата резултатот е затворени бизниси, буквална борба за опстанок на цели сектори, од друга страна обиди на државата да помогне финансиски на категории граѓани кои се на раб на сиромаштија, неуспешни напори за задржување на работни места и висина на платите. Ни се повторува ли кризата од 2008 година, кога балканските земји беа оставени сами на себе во справувањето со економските последици, борејќи се со долгорочна висока невработеност, стагнирање на економскиот раст и назадување во реформските процеси? Се надеваме не, со оглед на досегашниот напредок во економската конвергенција со ЕУ и планираната европска поддршка за економско и социјално заздравување во висина од 750 милиони евра и 1,7 милијарди евра од Европската инвестициска банка за земјите од Западен Балкан, иако се главно заеми наместо грантови. И на крај, колку Македонија ќе апсорбира од овие износи- останува да видиме. Можеби сепак кризата може да се сврти во корист на економијата-  бизнисите и работниците, доколку се искористат правилно сите понудени механизми.