
Дејствувајќи во насока на унапредување на социјалниот дијалог, Асоцијацијата “Јуридика” беше дел од настанот на Меѓународната организација на трудот организирана по повод стогодишнината на организацијата. Претседателот на Асоцијацијата “Јуридика”, доцeнт Д-р Лазар Јовевски, заедно со партнерите од Економско социјалниот совет, дадоа свој придонес во панел дискусијата на тема: работни односи, нестандардни форми на вработување, прекаријатна работа.

Клучно прашање беше колку трудовата легислатива може да ги следи тековите на пазарот на трудот и флексибилноста која произлегува од нестандардните форми на вработување, како и дали во современите услови на развој на економијата и работничките права има воопшто потреба од истата. Заклучотот беше дека неопходно е минимална законска гаранција на правата од работен однос, како и постојан поттик за градење на социјалниот дијалог кој ќе биде плодоносен, односно ќе резултира со квалитетни колективни договори кои се прилагодени на новите форми на вработување. Во оваа насока, беше истакнато дека е неопходно подигнување на свеста на секоја страна на трипартитниот социјален дијалог, а особено синдикатите и организациите на работодавачите. Ова прашање беше адресирано преку неопходноста од соодветна обука и едукација што ќе обезбеди засилување на капацитетите на нивните организации и членство, едукација за трудовата легислатива и воспоставување на успешни практики за имплементација на системот на работнички права, системот за заштита и соодветни услови на работното место.

На настанот учествуваа претставници од владиниот и граѓанскиот сектор, а настанот го отворија министерот за труд и социјална политика, Ибрахим Ибрахими и Директорот на МОТ за Централна и Источна Европа, Антонио Грациози.

Асоцијацијата “Јуридика” продолжува да работи токму во насока на прашањата кои беа отворени на овој настан, а со цел остварување на својата визија и цел, а тоа е да придонесе во обезбедување на достоинствен живот на секој граѓанин во Република Македонија, преку остварување на правото на достоинствена плата и соодветни услови на работното место.
