На Правниот факултет „Јустинијан Први“ по повод 10 декември Меѓународниот ден на човековите права беше оддржана четвртата по ред симулација на судење од областа на работните односи. Настанот беше отворен од страна на деканот на Правниот факултет г-дин Горан Коевски. Симулацијата беше спроведена под менторство на Проф. д-р. Лазар Јовевски и Судија Хилда Мешкова судија од Одделението за работни спорови при Основниот Суд Скопје 2 од Скопје. Тема на симулацијата беше работен спор од областа на психолошкото вознемирување во работни односи – мобинг со елементи на дискриминација. Во симулацијата учество земаа студентите на додипломски и постдипломски студии на нашиот факултет и тоа: Пепица Честојнова, Стојан Николов, Елена Јаман, Никола Германов, Никола Мурџев, Димитар Тромбевски, Иво Ристески, Јовица Димитроски, Соња Анастасова, Ивана Иванова, Ивона Стојчевска и Софија Христовска.

Симулацијата на судење е исклучителен настан кој што се одржува традиционално веќе неколку години по ред на нашиот факултет и тој е многу значаен бидејќи преку него покрај тоа што се промовираат прашањата од трудовото и социјалното право се упатува и една силна порака до сите за тоа колку се важни работните односи во современото општество во кое ние живееме. Овој настан е корисен за студентите, не само од практичен аспект, туку и од поширок општествен контекст, бидејќи преку судењето се промовираат вредностите на правото.

На настанот беа присутни професори, судии, инспектори, претставници од синдикатите, претставници од работодавачите, и студенти.

