Заклучоци и препораки од стручната трибина: Колку платите и потрошувачката се фактор на економски развој во Република Македонија?

 20161216_140915-01

Следејќи ја својата визија за создавање на праведно општество и унапредување на бизнис климата во Република Македонија, а со цел обезбедување на достоинствен живот за секој граѓанин, Асоцијацијата Јуридика во соработка со своите партнери Правниот факултет “Јустинијан Први” при УКИМ и Бизнис Конфедерација на Македонија организираше трибина на тема “Колку платите и потрошувачката се фактор на економски развој во Република Македонија?”.  На трибината како предавачи се вклучија експерти од академската фела и претставници на бизнис секторот кои со својата експертиза ја покрија областа на економијата и правото, како и теоријата и праксата. Со свои излагања дадоа допринос проф. д-р Предраг Трпески – Економски факултет УКИМ, г-дин Миле Бошков, претседател на Бизнис Конфедерација на Македонија и доц. д-р Лазар Јовевски – Правен факултет УКИМ.

На трибината со свои дискусии учествуваа и студенти од Правниот факултет „Јустинијан Први“ и Економскиот факултет при УКИМ, претставници на државни институции и невладини организации, адвокати и претставници на бизнис-заедницата.

Експертите во своите излагања адресираа прашања за тоа дали и како платите и личната потрошувачка на граѓаните може да влијае на засилувањето на економскиот развој на Република Македонија, а со тоа и подобрување на економската благосостојба на граѓаните. Имено, платите беа разгледувани низ призмата на економијата, односно како економска категорија, а директно поврзана со личната потрошувачка.  Истовремено, беа отворени и социјалните аспекти на платата, односно правото на достоинствена плата, и како државниот интервенционизам влијае на движењето на платите на пазарот на труд во нашето општество.

20161216_110410-01

Професор д-р Предраг Трпески укажа дека платите не се основниот критериум од кој зависи економскиот раст. Економскиот раст зависи од продуктивноста и сите фактори кои лежат во неа. Тој укажа дека покачувањето на платите е зависно од растот на продуктивноста на компаниите, односно на продуктивноста на вработениот. Единствен начин за зголемување на платите е зголемување на продуктивноста на вработените која во Македонија е 250 евра, наспроти продуктивноста на работникот во Романија која изнесува 850 евра.

Инвестициите, искористувањето на ресурсите и употребата на новата технологија се непосредно поврзани со висината на платите и потрошувачката. Имено, со поголема побарувачка компаниите се охрабруваат да инвестираат што би резултирало со зголемување на продуктивноста на истите а тоа создава можност работодавецот да ја зголеми платата на работникот.

Професорот Трпески посочи на истражување спроведено во 2014 година,  според кое 45% од вработените во Македонија земаат плата до 14000 денари, што е далеку под просечната плата, која изнесува 22.000 ден. и со која не можат да ги задоволат основните потреби за живот. Нееднаквоста во земјата се создава од другите доходи (профити, дивиденди, камати) а не толку во платите. Токму овој сегмент на потрошувачка е потребно да се стимулира, со цел да се поттикне развојот, односно продуктивноста на економијата.

Во оваа насока, Трпески го елаборираше и прашањето на пазарот на трудот и невработеноста,. Професорот потенцираше дека македонскиот пазар на трудот е ригиден и сегментиран, па во реалноста е присутна појавата на плати кои се премногу ниски или кои се премногу високи. Според податоците, само 7,4% од вработените земаат плата над 35.000 денари. Понатаму посочи на истражувачки податоци кои говорат дека 50% од дипломираните студенти чекаат по повеќе од четири години за вработување.

20161216_110831-01

Миле Бошков, претседател на Бизнис Конфедерација на Македонија даде неколку практични препораки за зголемување на продуктивноста на македонската компании. Имено, како еден од можните начини за зголемување на продуктивноста беше посочена интренационализација на компаниите. Бошков потенцираше дека Македонија со оглед на малото учество на глобалниот пазар треба да се фокусира на регионалниот пазар. Од друга страна, македонските бизниси потребно е да ги следат новите трендови но и да се почитуваат старите за да се зголеми потрошувачката. Новите технологии носат нови продукти со што се зголемува продуктивноста.

Бошков истакна дека минималната плата директно влијае врз економијата и врз потрошувачката. Се направи грешка со донесувањето на минимална плата на национално ниво, и доколку таа беше договорена на секторско ниво немаше да се повредува буџетот. Имено, со донесување на Законот за минимална плата се бележи намалување на платите на работниците и го оштетува буџетот на социјалните фондови. Ова неминовно ја дестимулира личната потрошувачка на граѓнинот. Во однос на потрошувачкото општество, Бошков истакна дека според спроведените истражувања граѓаните не се ориентирани кон експериментирање со купување нови производи, туку се ориентирани кон производите што традиционално ги купуваат. Иемено, само 4% од домаќинствата експериментираат да купуваат нови производи. Ваквата реалност ги ограничува бизнис-плановите на компаниите, кои се ориентираат кон традиционалните потрошувачки навики.

Подобрувањето на животниот стандард создава и сигурност кај работниците, со што ќе се зголеми нивната продуктивност и, во таа смисла, работодавачите мора да применуваат политика и мерки кои ќе ги задржат квалитетните  работници.

20161216_111255-01-1

Доцент д-р Лазар Јовевски истакна дека платите се точка помеѓу трудот и економијата, тие пливаат помеѓу правото и економијата и се основен трудово-правен инстумент во пазарната економија. Професорот нагласи дека не може да се говори за раст на платите ако не постои стабилност од социо-економски аспект. Секако, рече Јовевски, со зголемувањето на платата се влијае на потрошувачката, но во таа смисла секогаш треба да се има предвид и психолошката компонента на зголемувањето на платите.

Дефинирајќи ја платата низ нејзината подлабика суштествена пројава, а пред се како праведен сооднос за извршената работа, професорот Јовевски укажа на фактот дека платата е основа за градење на достоинствен живот, таа се јавува како фактор за развој и зголемување на продуктивноста.

Во однос на минималната плата професорот Јовевски истакна дека законското регулирање на минимална плата не е единствен инструмент, туку за објективно зголемување на висината на платите влијаат повеќе параметри, но клучно е во рамките на социјалниот дијалог и социјалните партнери да се има свест но и економска основа, база, за да можеме да зборуваме за зголемување на платите. Значи, волја да се зака сака да се зголемат платите од страна на социјалните субјекти а од друга страна и економска база и основа тоа да биде изводливо во пракса.

Со оглед на изнесеното, од социјално-правен аспект се заклучи дека  рамномерното и постепено зголемување на платите може да доведе до зголемување продуктивноста на работникот, а со тоа и до зголемување на продуктивноста на компанијата.

image-0-02-05-6ba878f6308825e275157d2e9fadea80e52e070e7bb8b711ddbe4b5bff98ea8a-v-01

 

image-0-02-05-1a4e8632c754ccdf14af8c150b9d8ddd389115b678db6025e3cb7c72cee319ec-v-01

 

http://<iframe width=”560″ height=”315″ src=”https://www.youtube.com/embed/z8eHv8FA1lQ” frameborder=”0″ allowfullscreen></iframe>