Правата од работен однос во македонскиот правен систем се утврдени со Законот за работни односи, како основен и генерален закон во оваа област. Цел на законот е уредување на процесите во рабониот однос, како и обезбедување на усогласено одвивање на тој процес, при што се почитува правото на работниците на слобода на трудот, достоинство и заштита на интересите во работниот однос.
Со Законот за работни односи се уредуваат работните односи меѓу работниците и работодавачите кои се воспоставуваат со склучување на договор за вработување.
Оттука, покрај ЗРО и колективен договор, извор за регулирање на работниот однос е договорот за вработување. кој претставува правен основ за засновање на работниот однос.
Во постапката за засновање на работниот однос како последен чекор, откако ќе биде извршен изборот на идниот работник, е потпишување на Договор за вработување.
Во договорт за вработување се уредуваат и правата, обврските и одговорностите врз основа на вршењето на работата од работниот однос. Овие права и обврски, како и вклучување во задолжителното социјално осигурување врз основа на работниот однос, започнуват да се остваруват со денот на стапувањето на работникот на работа, договорени во договорот за вработување.
По потпишувањето на договорот работодавачот е должен да поднесе пријава/одјава (електронски образец М1/М2 испечатен од системот на Агенцијата за вработување на Република Македонија) за работникот во задолжително социјално осигурување (пензиско и инвалидско, здравствено и осигурување во случај на невработеност), во согласност со посебните прописи, во Агенцијата за вработување на Република Македонија. Заверена фотокопија од пријавата или извод од компјутерски запис од информацискиот систем на Агенцијата му се врачува на работникот во рок од три дена од денот на стапувањето на работа.
Договорот за вработување мора да биде склучен во писмена форма и тоа најмалку еден ден пред да се пријави работниот однос во Агенцијата за вработување на РМ и да биде потпишан од двете страни. Усни договори не важат.
Договорот за вработување се чува во работните простори во седиштето на работодавачот. Примерок од склучениот договор за вработување му се врачува на работникот на денот на потпишувањето на договорот за вработување.
Поради фактот што Договорот за вработување е основа врз која работникот може да ги остварува своите права од работниот однос, за истиот се предвидува соодветна содржина согласно ЗРО.
Tоа што е особено важно е што во договорот мора да бидат предвидени работното место, работното време и висината на платата. Тоа значи дека овие три прашања се централен дел на договорот, а со тоа и на работниот однос.
Во Договорот за вработување се наведуваат и општите акти на работодавачот во кои се определени условите на работа на работникот. Договорот за вработување се менува со анекс кон договорот.
Договорот за вработување може да се склучи како:
- Договорот за вработување на неопределено време, во случај кога не е однапред определено колку време ќе трае работниот однос, и
- Договорот за вработување на определено време, кога однапред е определено времетраењето на работниот однос.
Најчесто договор на определено време се склучува во случај кога е потребен работник за замена на отсутен работник, поради зголемен обем на работа, заради ангажирање во некој проект и сл.. При тоа работниот однос на определено време може да трае непрекинато најмногу до 5 години, а по истекот на тој период, ако работникот и натаму продолжи да работи, треба се трансформира во работен однос неопределено време. Доколку работодавачот не го направи тоа сам, работникот треба да поднесе барање, а во краен случај и тужба.
Големите компании кои вработуваат голем број на работници вложуваат многу ресурси за подготовка на “силни” договори за вработување кои ќе ги следат правните стандарди на работното законодавство, но истовремено ќе ги штитат интересите на работодавачот, односно ќе го штитат од неквалификувани работници кои не поседуваат доволно вештини или од непредвидлив одлив на квалификувана работна сила. Меѓутоа во тој процес многупати се прават грешки, се предвидуваат одредби кои не се законски или пак не соодветни во врска со прашањето на регулирање.
Имајќи ги во предвид сите атрибути, договорот за вработување заради треба да претставува извориште на уредувањето на работните односи, односно т.н. „мал устав“ на работниот однос. Ова треба праксата да го потврди!
(Релевантни одредби: член 13-15, 28 и 28-а Закон за работни односи)