Професионализмот во работните односи е пат кој што треба да се изоди. Тоа е мечта која се уште ја сонува македонскиот трудово-правен систем.
Но, најнапред што е тоа професионализам во работните односи, или професионално извршување на работните задачи?
Би можеле да кажеме дека професионализам е секој да ја врши својата работа за која е стручен и за која се школувал во вистинско време и на вистинскиот начин. Сепак, оваа дефиниција на професионално вршење на работните задачи е поширока во однос на тоа што промовира концепт „вистинска работа во вистинско време“, а потесна во однос на тоа дека секој ја врши само онаа работа за која има стручни професионални компетенции и знаење. Широчината е потребна затоа што не секој квалитетно и добро врши работни задачи во различни периоди од својот живот. На пример, градежниот работник не ја врши исто работата на 30 години и на 60 години. Искуството би пребало да ја надополни до некаде физичката исцрпеност која ја носи стареењето, но не може да се надополни во полна мера. Всушност како и во животот, така и во работата сè си има свое време! Оттука, професионализмот е тесно поврзан со личното животно и професионално патешествие на вработениот и силно ги одразува динамичноста и непостојаноста како карактеристики или начела на трудовиот систем.
Од друга страна, потесна е затоа што вработените не секогаш ја вршат работата за која се школувале и за која се стручни. Пазарот на трудот има своја динамика и „логика“ и неретко ги принудува кандидатите за работа да се пријавуваат на работни места кои не се во центарот на нивното школување. Така, многу пати вработените работат работи за кои дополнително стекнале вештини, искуство или на различни начини „добиле знаење“ како да ја вршат „таа“ работа. Ова, сепак, не значи дека работата нема да се изврши квалитетно, но многу често тоа е така, кога се импровизира или се работи од немајкаде, работата не е завршена на нивото на професионализам на кој би требало или би можело да се заврши.
Отсекогаш професионализмот опфаќал и нешто друго, а тоа е личлниот белег, субјективизмот во вршење на работните задачи. Тоа подразбира лична нота на нештата, на пример, како се одесува вработениот кон самата работа, како се однесува кон колегите и кон работодавачот. Покрај ова на работните места каде има допирни точки со трети лица, секогаш доаѓа до израз како вработениот се однесува кон клиентите, односно муштериите и, секако, на крајот како си заминува од работното место, односно што „носи со себе“ кога ќе се врати дома, дали насмевка или кавга со семејството!? Тоа е начинот на кој се врши работата. Тоа не зависи секогаш од стручноста и времето кога се работи, туку од други фактори како што е емотивната и социјалната интелегенција, домашното воспитание, личниот светоглед и.т.н.
Значи да заокружиме, професионализмот има најмалку три составни делови, а тие се: дали ја работиш работата за која си школуван и стручен, кога ја работиш работата и како ја работиш, односно дали ја сакаш работата, професијата. Од овие три основни делови на професионализмот менаџерите, односно работодавачите треба да градат стратегии за идниот компаниски развој, а вработените пак да се преиспитаат дали се на вистинското работно место или не?
На крајот секогаш го имаме предвид аспектот дека „трудовото право е право на животот“ и дека „работниот однос, работата може да не пороби или пак ослободи“. Затоа, не е сеедно дали сме професионални во вистинска смисла на зборот или не, бидејќи тоа влијае на квалитетот на нашиот живот, но и на животот на оние околу нас.
Автор на Колумната: проф. д-р Лазар јовевски