Новиот текст на Законот за заштита и спречување на дискриминација беше подготвен од страна на работна група формирана од страна на Министерството за труд и социјална политика, која ја сочинуваа членови од надлежните министерства, претставници од националните институции за човекови права, меѓународните организации ОБСЕ и ОН, како и граѓански организации кои даваа правна помош. Првичната цел на оваа работна група беше да подготви измени на постојниот закон, но по усогласување на одредбите со европското законодавство кое ја уредува оваа материја, се испостави дека треба да се промени повеќе од една третина од текстот на стариот закон, што според нашите прописи значи дека треба да се донесе сосем нов закон.
Новиот закон е усогласен со целокупната рамка на ЕУ која се однесува на еднаквост и недискриминација, чии основи се наоѓаат во основачките договори на Унијата, а понатаму се доуредени со неколку директиви (Рамковна директива за вработување, Директива за расна еднаквост, Рекаст директива, Директива за добра и услуги, како и директивите кои ја уредуваат родовата еднаквост во врска со бременоста, доењето и родителството и самовработувањето), кои се патем минимални стандарди кои треба да ги воведат сите земји членки на Унијата, а има простор и за надградување во националните законодавства и за воспоставување на повисоки стандарди за еднаквост и недискриминација. Стариот закон кој ја уредуваше оваа област имаше суштински недостатоци кои беа нотирани од страна на ЕУ, како и ОБСЕ (во анализа на хармонизацијата на нашето законодавство со европското), и тоа:персонален опфат (кои лица ќе бидат опфатени со законот), институционална поставеност и персонални приспособувања, но и проблематичното спроведување на законот пред судовите.
Во новиот закон веќе се отстранети сите нејаснотии и проблематични одредби и е целосно хармонизиран со европските правила. Во него се прошируваат основите, се менуваат и подобро се дефинираат поимникот и дефиницијата за дискриминација, а предвидува и соодветни промени во поглед на судската заштита. Конкретно петата глава на законот се однесува на судската заштита. Се воведува “Тужба за заштита од дискриминација од јавен интерес” со која Здруженија, фондации, или други организации од граѓанското општество, и неформални групи кои имаат оправдан интерес за заштита на интересите на одредена група или во рамките на својата дејност се занимаваат со заштита од дискриминација, можат да поднесат тужба, ако направат веројатно дека со постапувањето на тужениот се дискриминирани поголем број лица. Со ова се укинува потребната писмена согласност од странкте доколку се работи за група и здруженијата ќе имаат право да поднесуваат тужби доколку го докажат својот интерес, а не како досега да учествуваат единствено како сопарничари во постапката. Во тужбата може да се истакне барање: 1) да се утврди дека тужениот извршил дискриминација врз групата чиишто интереси ги застапува тужителот, односно дејството што го презел или го пропуштил може да доведе до дискриминација на групата; 2) да се забрани преземање дејства со кои се дискриминира групата чиишто интереси ги застапува тужителот; 3) да се задолжи тужениот да преземе дејства со кои се отстранува дискриминацијата или нејзините последици; 4) да се објави во медиумите диспозитивот на пресудата со која е утврдена дискриминацијата во пристапен формат на трошок на тужениот.
Товарот на докажување со овој предлог закон преминува на тужениот кој ќе треба да докаже дека не постои дискриминација и во судската постапка и во постапката пред Комисијата; Се воведуваат нови докази во постапката за дискриминација: статистички податоци и ситуационо тестирање; Се ослободуваат од судски трошоци лицата кои ќе поведат судска постапка за заштита од дискриминација.
Со новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација се обезбедуваат подобри механизми, мерки и активности за правна заштита, а воедно се исполнува и обврската на земјата за усогласување на националното законодавство со европското, кое е неопходно за исполнување на условите за почеток на преговорите за членство во ЕУ. Единствено останува на институциите и судовите да постапуваат согласно закон во постапките со цел да бидат вистински заштитени граѓаните од секаков вид дискриминација.