Нашата работа има смисла само кога додаваме вредност на општествените текови а со тоа придонесуваме кон изградување на праведно општество и обезбедување на пристоен живот за секој граѓанин во Република Македонија.
Асоцијација за правно економски истражувања и едукација “ЈУРИДИКА” и нашиот партнер Бизнис Конфедерација на Македонија беа организатори на правно советување на тема: “Решавање на практични проблеми и разгледување на актуелни прашања во работните односи”.
За прв пат во Македонија врвни предавачи на едно место, практичари и теоретичари од областа на работните односи: Санде Зиков (судија на Апелациониот суд во Скопје), Хилда Мешкова (судија за работни спорови во Основниот суд во Скопје), Бојана Велковска(судија за работни спорови во Основниот суд во Скопје), доц. д-р Лазар Јовевски (професор по трудово право на Правен факултет Јустинијан Први Скопје).

На обуката беа присутни учесници од сите општествени сектори, и тоа: од правосудството, адвокати, производни и услужни компании, претставници на синдикални организации на работниците и на организациите на работодавачите, државни органи, како министерства, органи во нивен состав, агенции, управи и јавни претпријатија, акционерски друштва во државна сопственост, претставници на високо образовни институции, претставници на локалната самоуправа, како и на граѓанскиот сектор, студенти и невработени лица.

Учесниците имаа можност во рамки на четири работни сесии да се вклучат во дискусии по прашања со кои се соочуваат во нивното секојдневно работење.
За време на обуката беа разработени четири теми:
1. Договор за вработување и менаџерски договор од А до Ш,
2. Престанок на договорот за вработување – акутни проблеми во праксата,
3. Проблеми при распоредувањето и прераспоредувањето на работното време и користењето на годишниот одмор,
4. Одговорност при безбедност и здравје при работа и надоместување на штети.

“Mенаџерот се јавува како специфичен работник и дава услуги и знаења што ги стекнал низ целиот свој живот што го посветил на одредена работа. Во менаџерскиот договор за вработување треба да биде определено времето на кое е склучен истиот.”

“Човечките ресурси, работниците што ги имате, се најголемиот човечки капитал. Човечкиот ресур е најголем капитал на сите времиња.”

“Работникот не смее да биде распореден на помалку од 4 работни денови во неделата. Прераспределбата на работното време може да се определи според природата на задачите.”

“Субјективната одговорност на работодавачот од штета причинета на работник се отстранува со утврден систем за безбедност и заштита при работа со општи акти на работодавачот во кои се утврдени правила за игра”

Заклучок: “Квалитетни работни односи – предуслов за здрава работна клима и помалку спорови!”
До нашата следна средба Ви посакуваме успешна работа!
